Општ хаос владее во фудбалската репрезентација на Габон по елиминацијата од Африканскиот куп на нации во Мароко. Владата на оваа африканска земја одлучи да го избрка селекторот Тиери Мујум и целиот тренерски штаб, капитенот Бруно Манга и најголемата легенда во репрезентацијата, Пјер-Емерик Обамејанг.
Репрезентацијата на Габон беше поразена од селекцијата на Брегот на Слоновата Коска по пресвртот од 2:3 во решавачкиот натпревар на Африканскиот куп на нации, што резултираше со нивна елиминација од натпреварувањето.
Габон го зазеде последното место во групата Ф со еден бод во конкуренција на Брегот на Слоновата Коска, Камерун и Мозамбик, што предизвика лавина од незадоволство во земјата.
По „срамната“ елиминација од Африканскиот куп на нации, Владата на Габон објави соопштение во кое ја информира јавноста дека го отпуштила целиот стручен штаб на чело со селекторот Тиери Мујум, како и дека суспендирала двајца клучни играчи до понатамошно известување: капитенот Бруно Еквеле Манга, кој е рекордер со 118 натпревари, како и најдобриот играч на сите времиња и најдобар стрелец на националниот тим, Пјер-Емерик Обамејанг.
По повод испаѓањето од Африканскиот куп се огласи и претседателот на државата, Брајс Клотард Олиги Енгуема, велејќи дека „дел од националниот идентитет е ослабен“…
Foto/ depositphotos
