Поранешниот освојувач на светско првенство со Франција, Криштоф Дугари имаше интересна „анализа“ на преговарањето на Матијс де Лихт околу неговиот трансфер од Ајакс, велејќи дека му се повраќа од младиот Холанѓанец.
19-годишниот Де Лихт беше еден од клучните фудбалери на Ајакс и како капитен ги предводеше до титулата во Ередивизие и до полуфиналето на Лигата шампионите, по што летово започна вистинска „брканица“ за неговите услови, со Барселона, Пари Сен-Жермен и Јувентус како главни играчи.
Барселона прво беа фаворити, пред тој да инсистира да има иста плата како Френки де Јонг, неговиот поранешен соиграч, по што ПСЖ се јавија со голема парична понуда, за сега Јувентус да е на прво место, откако Де Лихт наводно барал клаузула за прекин на договорот, нешто што не е дозволено во Франција. И тоа сè под водство на супер-агентот Мино Рајола, и Дугари вели дека ситуацијата станува вистинска пародија.
„Која е смислата? Што ти се случува во главата? 12, 13, 14 или 15 милиони евра? Во одреден момент, која е разликата? Ќе имаше уште еден автомобил, 50 метри квадратни екстра во станот или 10 метри повеќе во својот брод? Се работи само за пари, и морам да престанам бидејќи ми се повраќа. Да, тој е одличен фудбалер, но со таков менталитет, тоа нема да потрае. Им честитам на ПСЖ и одлуката која ја направија“, вели Дугари за „РМЦ“.