Top Sport

Дугари: Згрозен сум, Мбапе се однесуваше како разгалено детиште

Инцидентот што го предизвика Килијан Мбапе и неговата расправија со тренерот Томас Тухел е предмет на анализи и коментари во француската фудбалска јавност.

Во саботата, на натпреварот против Монпелје Тухел реши да го извади од игра Мбапе во 65 минута. На играчот кој вреди најмалку 300 милиони евра тој потег не му се допаднал и јавно го демонстрираше незадоволството. Не сакаше да слушне што има да му каже тренерот.

Од однесувањето на Мбапе бил згрозен поранешниот француски репрезентативец, светски и европски првак, Кристоф Дугари кој работи како коментатор во радиото Монте Карло.

„Згрозен сум она што го видов, мислев дека е невозможно да се случи нешто такво. Не можам да опишам колку сум разочаран што го видов Мбапе во такво светло. Тој секогаш се однесувал многу зрело. Сега се однесуваше како разгалено детиште. Со тоа покажа дека не го почитува тренерот и соиграчите. Срамно е она што го направи, тој треба да разбере дека во тимот има фудбалери кои исто така заслужуваат да влезат во игра“, рекол Дугари, кој го осудил и тренерот Тухел што веднаш се обидел да му објасни на Мбапе зошто го вади од игра.

„Неговиот обид, буквално со раце и со нозе по тревата на Паркот на принцовите да покаже дека има авторитет над играч од пола милијарди евра делуваше непријатно и го виде целиот свет“, заклучи Дугари.

Scroll to Top