Струга Трим Лум имаше голeма шанса да обезбеди пласман во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, но на крајот се соочи со неуспех. Македонскиот првак имаше предност од 1:0 со голот од пенал на Бесарт Ибраими во 76.минута, но само две минути подоцна дозволи да прими гол со кој Жалгирис израмни. Потоа одбраната на Струга ТЛ потклекна уште еднаш во финишот и литванскиот тим славеше со 1:2.
Тренерот Шпетим Дуро тврди дека неговиот тим заслужил да се пласира во следното коло.
„Останува да жалиме за шансата. Одигравме квалитетно во текот на целиот двомеч против Жалгирис, но на крајот сме елиминирани. Постигнавме гол од пенал кога беше потребно, имавме и уште неколку шанси, но потоа направивме грешки во одбраната и противникот тоа знаеше да го казни“, изјави Шпетим Дуро.