„Дерби дела капитале“ на Италија заврши без победник, откако Рома и Лацио одиграа 1:1 на полниот „Олимпико“ во меч во кој беа постигнати два бизарни гола во првото полувреме.
Рома успеа да поведе преку Един Џеко во 26. минута, кога босанскиот капитен на „волчицата“ погоди со глава додека беше свртен со грб кон голот по одличната асистенција на Брајан Кристанте.
Голот на Лацио беше уште побизарен – во 34. минута од мечот, Франческо Ачерби ја искористи катастрофалната реакција на Пау Лопез за од блиску да ја протне топката во голот.
Со ремито, Лацио остана на третото место на табелата со 46 поени, два зад Интер, додека Рома се четврти со 39 поени.