Јувентус по дури шести пат во 12 меча во Серија А оваа сезона одигра нерешено, откако пеналот на Кристијано Роналдо беше одбранет од Пјерлуиџи Голини, а Јуве се задоволи со 1:1 реми со Аталанта.
Новата ѕвезда на „бјанконерите“, Федерико Киеза во 29. минута ги донесе домаќините во водство со еден прекрасен гол од далечина, откако претходно Алваро Мората се посрамоти со еден обид да постигне гол со петица.
Меѓутоа, во второто полувреме, Швајцарецот Ремо Фројлер во 57. минута постигна исто толку спектакуларен гол за израмнување за „Ла деа“. Само четири минути подоцна, Кристијано Роналдо доби шанса да го реши мечот, откако беше досуден пенал за „бјанконерите“, но неговиот удар заврши само во рацете на Голини.
Јувентус остануваат непоразени во Серија А на третото место со 24 поени, три помалку од лидерот Милан, но со дури 6 ремија во 12 меча. Аталанта се на осмото место со 18 поени.