Top Sport

Два шпански четвртолигаши тврдат дека имаат договор со Матијас Погба

Матијас, постариот брат на ѕвездата на Манчестер јунајтед Пол Погба, се наоѓа во интересна ситуација – два шпански четвртолигаши тврдат дека имаат валиден договор со Французинот.

Манчего, тимот од Терсера, ги демантира тврдењата дека 29-годишниот Матијас Погба се согласил на трансфер во Лорка, и покрај тоа што тој клуб се пофали на Твитер со договорот.

„Фудбалерот има валиден договор со нашиот клуб. Секогаш ќе ги браниме интересите на Манчего Сиудад Реал ЦД“, велат од Манчего, потврдувајќи дека се во контакт со ривалите од Лорка.

Уште понеобично, првичната најава на Лорка преку Твитер имаше линк до апликацијата на клубот со која фановите можат да го изберат својот идеален состав.

Пол Погба е најмладиот од тројцата браќа-фудбалери Погба. Близнакот на Матијас, Флорентин Погба е дефанзивец кој последен пат имаше договор со Атланта јунајтед во МЛС лигата. Двајцата близнаци за разлика од Пол, играа за репрезентацијата на Гвинеја, каде што се родени. Пол Погба, три години помал од нив е роден во предградие на Париз.

Матијас не успеа да ја достигне славата на својот помал брат, играјќи во Селта, Квимпер, Рексам, Кру Александра, Краули таун и во шкотскиот Партик тистл. Негови последни клубови се Спарта Ротердам и Тур во Франција.

Scroll to Top