Top Sport

Двајца панамски навивачи благодарни за хачапурито

Двајца фанови на репрезентацијата на Панама се заблагодарија на гостопримството на руските навивачи со банер на руски со благодарност за хачапури, традиционалното грузиско јадење кое е супер-популарно и во Русија.

Дејвид и Луиз на банерот напишаа: „Благодарам Русија, од нашите срца, Панама“, а ова беше надополнето со хеш-тег, „сакам хачапури“. Хачапури инаку е јадење налик на македонската пастрмајлија, но наместо со месо, тестото е полнето со сирење и со јајце.

„Откако сме во Русија сите се одлични со нас. Беше посебно да се биде во Русија, а исто така се заљубивме во хачапури. Бевме на двата натпревари. Сочи и Нижниј Новгород, а ја посетивме и Москва. Но, сега мораме да одиме дома, бидејќи сме на работа. Ова ќе го носиме со нас целиот живот“, вели Дејвид.

И покрај поразот од Англија од 6:1, Дејвид и Луис велат дека еден ден ќе ја победат Англија.

„Ќе дојде време кога ќе играме со Англија и нема да им биде вака лесно. Истото беше и со САД. Пред 10 или 15 години само губевме од нив, а сега сме наместо нив на Мундијалот“, вели Дејвид.

Scroll to Top