Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед и Астон Вила, Двајт Јорк би сакал да ја добие работата како тренер на клубот од Бирмингем ветувајќи дека би го вратил победничкиот менталитет на великанот кој минува уште една сезона во втората лига.
Астон вила, кои имаат само три победи во 11 натпревари и се на 13. место на табелата го отпуштија Стив Брус во средата и го именуваа Кевин Мекдоналд како преоден тренер. Јорк е заинтересиран за работата.
„Го направив потребното и го пратив моето ’си-ви’ и сакам да имам контакт со шефовите на клубот. Играв за нив и го сфаќам клубот и знам што очекуваат навивачите. Знам дека можам да го вратам победничкиот менталитет“, изјави Јорк.
Поранешниот фудбалер од Тринидад и Тобаго имаше 97 гола во повеќе од 250 настапи за Вила пред да се приклучи на Манчестер јунајтед и ова е вторпат да се обидува да стане тренер на Вила, откако беше заинтересиран да стане тренер по отказот на Тим Шервуд во 2015 година.