Top Sport

Ѕола признава: Лудоста на Тино Асприља не се мереше

Џанфранко Ѕола во интервју за „Гардијан“ признава дека легендарниот колумбиски фудбалер Фаустино Асприља „константно бараше проблеми“ во Парма, и дека бил далеку попроблематичен фудбалер од Диего Марадона.

„Тино беше убедливо најлуд. Тој беше друга лига. Но, секогаш на добар начин, не дека Марадона беше нешто негативно настроен. Но, Тино, постојано бараше проблеми“, вели Ѕола.

48-годишниот Асприља навистина беше (и уште е) неверојатен лик, кој честопати беше на насловните страници поради случувањата на теренот и надвор од него.

Секако, тука постојат многу легенди и „разубавени“ приказни, но и половината да се вистинити се доволни. Почнуваме со приказната за бесот на патот во Тулуа, Колумбија во 1993 година, кога со нога го кршеше ветробранот на автобусот кој направи сообраќајка со неговиот автомобил, повредувајќи се и останувајќи на клупата на Парма, кога италијанскиот тим го совлада Антверпен со 3:1 во финалето на Купот на победници на купови (КПК).

Со прекар „Октопод“ поради неговиот апетит, тој пристигна во Њукасл благодарение на Кевин Киган во февруари 1996 година. Фотографијата на која со своето палто пристигнува на снегот во Њукасл останува за сеќавање.

„Видов дека Њукасл е покрај морето и што друго требаше да очекувам освен плажи? Замислував јахти во пристаништето“, призна подоцна Асприља.

Во тој момент, Њукасл имаше 9 поени предност пред Манчестер јунајтед и натпревар помалку. Но, потоа се случи „колапсот“, а Јунајтед инспирирани од Ерик Кантона ја освоија титулата. Сепак, Асприља стана култна личност во Њукасл, посeбно кога постигна хет-трик против моќната Барселона (со Луиш Фиго, Ривалдо и Луис Енрике).

По крајот на кариерата, Асприља остана најпознат по промовирањето на кондоми со овошни вкусови и со неговото име.

„Тоа беше кул идеја. Се надевам дека ќе има кампања за спречување на несакана бременост“, изјави Асприља.

Scroll to Top