Најскапиот германски фудбалер во историјата, според пишувањата на англиските медиуми во јануарскиот преоден рок ќе се пресели во еден од манчестерските клубови.
Договорот на Месут Езил (29) со Арсенал му истекува по завршувањето на сезоната и на сите во клубот им е јасно дека тој, исто како и Алексис Санчез, ќе се обиде да го напушти клубот уште во јануарскиот преоден рок.
Арсенал веќе една година се обидува да ги убеди двете најголеми ѕвезди да потпишат нови договори, но јасно е дека тие повеќе не сакаат да играат за клубот од северен Лондон.
Според англиските медиуми, Езил им кажал на соиграчите дека во јануари ќе замине од клубот. Тој и Алексис Санчез се наоѓаат во плановите на двата тима од Манчестер, Сити и Јунајтед, кои по осум кола ја предводат Премиер лигата.
Се шпекулира дека Езил ќе заврши кај својот поранешен тренер Жозе Мурињо во Јунајтед, додека Чилеанецот Санчез ќе оди исто така кај поранешниот тренер Пеп Гвардиола во Сити.
Инаку, Арсенал на Езил му понудил нов договор со неделна плата од 275 илјади фунти, но германскиот репрезентативец барал неделна плата од 350 илјади фунти.
Месут Езил во Арсенал пристигна од Реал чии дрес го носеше од 2010 до 2013 година и тоа под водство на Мурињо. Арсенал за неговите услуги плати 50 милиони евра, што е најголема сума која некој клуб ја платил за играч од Германија.