Емануел Ебуе вели дека се крие од доверителите, спие на подот во куќата на својот пријател и рачно си ги мие алиштата бидејќи нема машина, откако остана без пари иако заработи милиони фунти како играч на Арсенал.
34-годишниот поранешен дефанзивец на Арсенал, признава дека размислувал за самоубиство во интервју со „Дејли мирор“ по борбата со менталните болести.
„Сакам Бог да ми помогне. Само тој може да ги тргне тие мисли од мојот ум“, изјави Ебуе.
Во врвот на својата кариера, тој играше финале на Лигата на шампионите во 2006 година, а стана и миленик на навивачите по неговите прослави на головите. Но, оттогаш работите тргнаа надолу за него.
Тој се разведе со неговата сопруга Орели, која го доби целото негово богатство, неговите три деца го избегнуваат, а на крајот дојде и смртта на неговиот дедо Амаду Бертин, човекот кој го одгледа, како и смртта на неговиот брат Н’Дри Серж, кој загина во мотоциклистичка несреќа.
„Немам пари и не можам да си дозволам да имам адвокат за да се борам за мојата куќа во Енфилд со поранешната сопруга. Не знам кога ќе дојде полицијата да ме иссели. Понекогаш седам во темница бидејќи не сакам да знаат дека сум внатре. Страдав да ја купам мојата куќа и сега не можам да живеам таму“, вели Ебуе.
Тој вели дека никогаш не добивал совети за водење на своите финансии и дека неговата сопруга водела сметка за парите. Покрај тоа, Ебуе признава дека бил опкружен со луѓе кои му давале лоши совети и му должат огромни суми.
„Ќе погледнам наназад и признавам дека бев наивен. Дека требаше да мислам за тоа претходно. Парите кои ги заработував ги праќав на мојата сопруга и нашите деца. Во Турција заработив 8 милиони евра, од кои 7 ги пратив дома. Што ќе ми кажеше да потпишам, потпишував, бидејќи таа беше моја сопруга“, додава Ебуе.
Тој вели дека избегнува да гледа ТВ, бидејќи таму на пример ќе го види поранешниот колега Тјери Анри, кој сега работи како коментатор.
„Кога ќе го видам Тјери се чувствувам среќен за него, но засрамен од мојата ситуација. Ќе ги видам пријателите на ТВ и си помислувам дека треба да бидам таму. Тешко е да се гледа“, завршува Ебуе.