ФИФА и претседателот Џани Инфантино, вчера го потврдија новиот формат на Светското клупско првенство. Во 2021 година клупскиот Мундијал ќе се одржи во Кина, а ќе учествуваат 24 клуба од целиот свет.
„На овој начин светот ќе има можност да се запознае со вистинско Светско првенство, каде навивачите ќе можат да видат како најдобрите клубови се натпреваруваат за титулата. Тоа ќе ни овозможи значителни приходи, но сакам да потенцирам многу гласно дека ФИФА нема да заработи ништо бидејќи сите пари ќе ги вложиме во фудбалот“, рекол Инфантино.
ФИФА предвиделе Светското клупско првенство да се игра во јули, а европски претставници со сигурност ќе бидат шампионите во Лигата на шампионите и Лига Европа во 2018, 2019, 2020 и 2021 година. Тоа значи дека Реал Мадрид, Ливерпул, Атлетико Мадрид и Челси веќе обезбедиле учество.
На клупскиот Мундијал предвидено е да учествуваат осум клуба од Европа, шест од Јужна Америка, по три од Азија и Африка и еден од Океанија.
Инаку по објавата на ФИФА и Инфантино се огласија и од Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), чии прв човек е претседателот на Јувентус, Андреа Ањели. ЕЦА биле против терминот и форматот.
„ЕЦА не го одобрува новиот формат на Светското првенство. Сакаме да потврдиме дека ниту еде клуб од ЕЦА нема да учествува во едно такво натпреварување“, стои во писмото од ЕЦА упатено до ФИФА и Инфантино.
Писмото го потпишале 15 членки, вклучувајќи ги Јувентус, Манчестер Јунајтед, Барселона и Ајакс.