Голманот на Манчестер сити, Едерсон на шега вели дека би сакал да го замени Кевин де Брујне во средината на „граѓаните“ и верува дека ништо во играта на клубот нема да се смени со таков потег.
28-годишниот Едерсон се гордее со својата техичка подготвеност која ја покажа по трансферот на „Етихад“ во 2017 година. Од друга страна Сити има историја со голмани на друга позиција, откако во 2005 година, тогашниот менаџер Стјуарт Пирс го внесе во игра Дејвид Џејмс како напаѓач во последното коло против Мидлзборо.
„Ако се тргнам од голот не би сакал да играм во нападот. Повеќе сакам да играм во средината. На местото на Кевин! Ако мора да се менува тогаш Кевин да излезе и јас да играм и ништо нема да се смени“, вели Едерсон.
Ова тешко дека ќе се случи, но Бразилецот вели дека би сакал да добие шанса да изведува пенали.
„Зависи од натпреварот. На 0:0 има поголем притисок, исто како во пенал-серија. Но, ако водиш со 3:0, тогаш е порелаксирано. Не сум шутирал пенали досега, и се надевам дека ќе добијам шанса“, вели Едерсон.