Един Терзиќ ќе стане нов тренер на Атлетик Билбао на крајот од сезоната, кога Ернесто Валверде ќе ја напушти клупата, објави баскискиот весник „Онда Васка“.
Претседателот на клубот, Јон Уријарте, наводно се договорил за сите услови со германскиот стручњак од хрватско потекло, кој беше неговиот прв избор за клупата.
Терзиќ е без клуб од 2024 година и ја напушти Борусија Дортмунд, а и покрај бројните понуди работеше како телевизиски коментатор во Германија, а сега одлучи да го прифати предизвикот во Баскија.
Според прелиминарниот договор потпишан пред неколку недели, Терзиќ веќе го анализира тимот и учествува во планирањето за следната сезона, од можни засилувања и заминувања до продолжување на договорите на постојните играчи. Сепак, клубот сè уште официјално не ја потврдил веста.
Оваа одлука е донесена од почит кон Ернесто Валверде, но и за да не се наруши мирот во соблекувалната пред последните шест кола од Ла Лига, во кои Баскијците се борат за пласман во европските натпреварувања. Деталите од договорот со кој Терзиќ пристигнува во Билбао сè уште не се познати.
Терзиќ постигна исклучителен успех на клупата на Борусија. Во сезоната 2020/21 го освои Купот на Германија, додека во сезоната 2022/23 беше на дофат на сензационална титула во лигата, но Баерн сепак ја освои Бундеслигата. Круна на неговата работа во Дортмунд беше финалето на Лигата на шампионите во 2024 година, во кое неговиот тим загуби од Реал Мадрид.
Foto/ Depositphotos
