Манчестер јунајтед го потврди доаѓањето на Единсон Кавани како слободен фудбалер во тимот на Оле Гунар Солскјер, откако 33-годишниот уругвајски напаѓач, кој доаѓа во Премиер лигата откако му заврши договорот со Пари Сен-Жермен, потпиша двегодишен договор.
„Манчестер јунајтед се еден од најголемите клубови на светот и вистинска чест е што сум тука. Работев напорно во текот на паузата и сакам да покажам дека вредам да го претставувам овој голем клуб. Едвај чекам да ја почуствувам атмосферата на ‘Олд Трафорд’ кога ќе биде безбедно, а фокусот останува ист – да се работи, да се работи, да се работи“, вели Кавани.
Со ова се комплетира еден необичен и според многу фанови на „ѓаволите“ неефикасен трансфер период на нивниот клуб, откако покрај Кавани во клубот дојде и Дони ван де Бек од Ајакс и Алекс Телес од Порто, и доаѓа само еден ден по катастрофалниот 1:6 пораз од Тотенхем кој ги покажа сите слабости на тимот на Солскјер.
Според англиските медиуми Кавани ќе заработи 11 милиони евра за една сезона на северот на Англија, дополнителни 2 милиони евра во бонуси и 4 милиони евра „премија“ за потписот. Иако оваа сума е помала од таа која ја заработуваше во Пари Сен-Жермен, сепак е далку повисока од 8-те милиони евра (без бонуси) која му ја нудеа Атлетико Мадрид.
? El Matador has arrived.
Old Trafford is waiting for you, @ECavaniOfficial! ?#MUFC
— Manchester United (@ManUtd) October 5, 2020