Точно пред една година, на 28 ноември 2016, во авионска несреќа во близина на Меделин во Колумбија настрада речиси целиот тим на Шапекоенсе.
Фудбалерите на Шапекоенсе требаше да му гостуваат на Атлетико Насионал во првиот финален натпревар во Копа Судамерикана, кога нивниот авион се урна недалеку од местото каде што требаше да слета.
Несреќата ја преживеаја шестмина од вкупно 77 патници и членови на екипажот. Меѓу преживеаните беа и тројца фудбалери на тимот кој во последната деценија од четвртиот ранг на бразилскиот фудбал стигна до елитата, бразилската Серија А.
Трагедијата ја преживеаја фудбалерите Нето, Алан Рушел и Џексон Фолман, а покрај нив и новинарот Рафаел Хенцел, стјуардесата Химена Суарез и авиотехничарот Ервин Тумури.
По долгиот период на рехабилитација Рушел повторно игра фудбал, а на добар пат е истото да го направи и Нето, додека голманот Фолман остана без дел од ногата и повеќе нема да може да игра фудбал.
Целиот фудбалски свет тагуваше поради страшната трагедија, помош на Шапекоенсе му пристигнуваше од сите страни, а Атлетико Насионал се откажа од титулата во корист на Шапекоенсе.
Бразилскиот клуб ја доби титулата во Копа Судамерикана, што му овозможи да се натпреварува во финансиски побогатиот Копа Либертадорес и можност клубот целосно да биде обновен.
Во изминатата година многу позитивни работи се случија во Шапекоенсе, а интересно тие одбија да имаат привилегиран статус во бразилската Серија А, односно во првата година да не можат да испаднат од лигата. Тоа го одбија и сега на коло до крајот во Серија А се наоѓаат на деветтото место на табелата.
Шапекоенсе полека го градеше тимот, во првенството на државата Санта Катарина ја освоија титулата, а во мај годинава успешно стартуваа и во федералниот шампионат. Во еден период дури и беше лидер во Серија А, а солидно играше и во Копа Либертадорес, каде што заврши на третото место зад Насионал (Уругвај), Ланус (Аргентина).
Сезонава на клупата се сменија тројца тренери. Вагнер Мансисни беше сменет по серијата лоши резултати, на неговото место дојде Винисујус Еутропио, а него го наследи 49-годишниот Жилсон Клеин.
Под водство на Клеин, Шапекоенсе оствари клупски рекорд – не загубија на девет натпревари по ред во Серија А.
И додека Шапекоенсе како „феникс се крена од пепелот“, се уште не се јасни причините поради кои падна авионот. Авионот на летот со број 2993, летал со минимално количество на гориво и требало да слета во Санта Круз во Боливија за да ги дополни резервоарите. Сепак тоа не било направено иако истата авиокомпанија „Ламиа“, сличен проблем имала и претходно и тоа на летот во кој се наоѓала репрезентацијата на Аргентина.
Компанијата „Ламија“ располагала со само два авиона, по несреќата е исклучена од авиосообраќајот, а сопственикот е уапсен.
Истрагата за несреќата е спроведена од колумбиските власти, според кои авионот не се урнал од технички причини туку вината е ставена врз пилотот, авиокомпанијата и боливиските власти.