Поранешниот хрватски репрезентативец, Едуардо да Силва во интервју за „Спортске новости“ вели дека никогаш нема да му прости на поранешниот селектор на „коцкестите“, Нико Ковач.
Причината за ова, секако е Светското првенство во Бразил во 2014 година. Хрватска беше во група со Бразил и Едуардо се надеваше дека ќе добие историска шанса да игра против земјата каде што е роден, но Ковач не му даде ниту еден настап на Мундијалот.
„Со Ковач не сум разговарал бидејќи тој веќе не ме интересира. Веќе кажав, тој може да е најдобриот тренер на светот, но кога не е човек и нема чувство за некои работи, тогаш тоа тренерско знаење не му значи ништо. Тогаш е обична нула“, вели Едуардо.
34-годишниот Едуардо вели дека посебна болка е што не влезе во игра против Бразил, барем на 10 минути.
„Никогаш не сфатив зошто не сакаше да ме внесе во игра против Бразил. Беше 10 минути на крајот, губевме со 3:1, имавме уште една измена… Сите медиуми го забележаа тоа, сите во Хрватска знаеја дека тоа беше намерно“, додава Едуардо.
Едуардо во кариерата имаше 62 настапи за Хрватска, постигнувајќи 29 голови, а во кариерата настапуваше за Динамо Загреб, Арсенал, Шахтјор, Фламенго и Атлетико Паранаенсе, каде што во моментов игра. Кариерата ќе му беше уште подобра, ако во февруари 2008 година немаше страшна повреда.