Ливерпул потврдија дека Мајкл Едвардс се повлекува од позицијата спортски директор на клубот, и негова замена ќе биде неговиот досегашен помошник, Џулијан Ворд, и англиските медиуми шпекулираат дека следна негова цел ќе биде новозбогатениот Њукасл јунајтед.
Едвардс беше еден од највлијателните луѓе на „Енфилд“ покрај менаџерот Јирген Клоп, и одговорен за успешниот пазар на играчи, и заминува по крајот на договорот и покрај обидите на газдите „Фенвеј спортс груп“ да му го продолжат договорот.
„Да се биде дел од овој клуб во овој период беше вистинска привилегија и имав среќа да работам со многу прекрасни луѓе. Секогаш планирав да го ограничам времето на клубот на 10 години, и иако уживав во работата, верувам во потреба за промени, нешто што е добро за човекот, но и за околината во која работи. Променивме многу работи во клубот (се надевам на подобро), но некој друг има поинаква перспектива и сега ќе се продолжи со поинаков план“, изјави Едвардс.
Едвардс пристигна во Ливерпул во ноември 2011, откако претходно работеше во Портсмаут и Тотенхем, прво како шеф на аналитика, а потоа како директор на технички перформанси. Во ноември 2016, тој беше именуван за спортски директор и работеше заедно со Клоп и со Мајк Гордон, претседателот на „ФСГ“. Тој имаше клучна улога во носењето на Мохамед Салах, Виргил ван Дајк, Алисон Бекер и Фабињо, а во исто време за високи суми ги продаде Мамаду Сако, Доминик Соланке, Дени Ингс, Дени Ворд и филипе Кутињо.