Легендата на германскиот фудбал, Штефан Ефенберг вели дека повеќе би го сакал Марио Манџукиќ отколку Нејмар во својот состав, додавајќи дека хрватскиот ас на Јувентус вреди над 200 милиони евра.
32-годишниот Манџукиќ беше еден од клучните фудбалери на Хрватска на СП, постигнувајќи го победничкиот гол во полуфиналето против Англија за негов втор гол на Мундијалот, кој доаѓа по уште една солидна сезона за Јувентус. Ефенберг вели дека не сфаќа зошто неговиот поранеше клуб, Баерн Минхен го продадоа Манџукиќ во 2014 година.
„Никогаш не сфатив зошто Баерн го продадоа. Манџукиќ е еден од тројцата најдобри напаѓачи на светот за мене и се гледа колку вреди на теренот. Да не беше толку стар ќе имаше пазарна вредност од 200 милиони евра. За мене тој е 10 пати подобар фудбалер од Нејмар“, вели Ефенберг.
Манџукиќ има најмалку 10 голови во своите последни седум сезони, од Бундеслигата, Ла лига и Серија А.
Фото: ЕПА