Поранешниот капитен на Баерн Минхен, Штефан Ефенберг му советуваше на Хамес Родригез да си замине од Баварија за да добие шанса да има повеќе натпревари.
„Хамес треба да сфати дека вистинскиот пат за него е заминувањето од Баерн. Тој мора да игра и да ужива во својот фудбал, но тоа нема да го доживее во Баерн каде што му е дозволено да игра 10-15 минути. Можеби треба да размисли за нешто сосема ново, бидејќи и да се врати во Реал Мадрид нема да игра многу“, вели Ефенберг во своја колумна за „Т-онлајн“.
27-годишниот Колумбиец дојде во Баерн од Реал во 2017 година на двегодишна позајмица која завршува на крајот на сезоната, но Баерн имаат можност да го откупат за 42 милиони евра. Родригез не е постојан првотимец под Нико Ковач оваа сезона – тој стартуваше од клупата во 11 од своите 24 лигашки настапи, а само трипати има одиграно цели 90 минути.