Бразилскиот фудбалер Малком вели дека му се допаѓа животот во Русија и дека сака да му помогне на својот клуб, Зенит Санкт Петерсбург по плановите да добие руско државјанство заедно со неговиот сонародник Клаудињо.
Според правилата во Руската Премиерлига, тимовите можат да регистрираат 13 странски фудбалери, во Русија познати како „легионари“, од кои само 8 можат да бидат н теренот во исто време.
„Во основа, идејата беше заедничка, не само моја. Ако така се отвори простор за уште еден странски фудбалер во клубот, тогаш зошто да не? Играм во Русија долго време, навистина ми се допаѓа тука“, изјави 25-годишниот Малком.
Во Русија исто така се шпекулира дека тој би можел да заигра за руската репрезентација, и покрај тоа што тој и Клаудињо беа дел од бразилската репрезентација која освои златен медал на Олимпијадат во Токио минатата година. Сепак, двајцата немаат настап за сениорската бразилска репрезентација.
„Засега, не размислуваме за тоа. Тоа е прашање за иднината“, изјави Малком.
Малком пристигна во Зенит од Барселона во 2019 година, во договор вреден 40 милиони евра, додека Клаудињо дојде од Ред бул Брангантино во Бразил за 15 милиони евра. Двајцата блеснаа на теренот минатата сезона помагајќи Зенит да освои четврта титула во низа, додека Клаудињо беше прогласен за играч на сезоната.