Top Sport

Ексфудбалерот на Реал, Ринкон во критична состојба по сообраќајка во Колумбија

Фреди Ринкон, поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и екскапитен на колумбиската репрезентација, се наоѓа во критична состојба со повреди на главата по сообраќајна несреќа во Кали, Колумбија.

Во автомобилот покрај Ринкон биле уште четири други луѓе кои се исто така повредени откако се судриле со автобус во 4.30 часот наутро.

55-годишниот Ринкон беше дел од славната „златна“ генерација на Колумбија, со која трипати беше на Светските првенства во 1990, 1994 и 1998, со соиграчи како Карлос Валдерама и Фаустино Асприлја.

Ринкон, кој имаше 84 настапи за Колумбија и 17 гола, во 1995 година направи трансфер од Наполи во Реал, каде што остана две сезони пред да се врати во Јужна Америка во бразилскиот Палмеирас. Со Коринтијанс во 2000 ја освои првата титула светски клупски шампион.

Ринкон во 2013 исто така имаше сериозна сообраќајна несреќа, кога со својот камион се преврте на влажен пат. Тогаш беше на операција на главата и имаше повеќе фрактури на коските.

Scroll to Top