Пред нас е бурно лето на фудбалскиот пазар. Веќе е потврден еден голем трансфер, а тоа е оној на Ерлинг Халанд во Манчестер Сити, Килијан Мбапе е се поблиску до Реал, кој потпиша договор со Антонио Ридигер, но „кралскиот клуб“’ сака уште еден играч, играч кој се наоѓа и во плановите на Барселона.
Станува збор за играчот од средниот ред на Наполи и шпанската репрезентација Фабијан Руиз.
Руиз би можел да се врати во Ла Лига по четири сезони, пренесуваат италијанските медиуми. Се чини дека Барселона е во „пол-позиција“ во оваа трка, бидејќи сакаат трансферот да биде реализиран ова лето.
Намерата на Реал е да го донесе Руиз на „Сантијаго Бернабеу“ во летото 2023 година, кога истекува договорот на Шпанецот со Наполи, а тој би можел да потпише без обесштетување како слободен играч.
Наместо тоа, Чави би сакал што побрзо да го види Руиз на „Ноу Камп“, за да има поконкурентен тим за следната сезона. Тренерот на Барселона е голем фан на Руиз, нагласува „Мундо Депортиво“.
Руиз оваа сезона забележа 35 настапи и постигна седум гола со пет асистенции. Инаку, Руиз кариерата ја започна во Бетис, кратко играше како позајмен во Елче и од 2018 година е играч на Наполи.