Прв пат по Светското првенство во Катар (декември 2022), Луис Суарез е повикан во националниот тим за квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Селекторот на Уругвај, Марсело Биелса го повика напаѓачот на Гремио за претстојните два натпревари од квалификациите за Светското првенство против Аргентина и Боливија.
Биелса, кој го презеде Уругвај во мај, не му упати повик на Суарез во првите четири квалификациски натпревари. Сепак, одличните настапи на Суарез во дресот на бразилски Гремио го натераа Биелса да се премисли.
Популарниот Ел Пистолеро одигра 137 натпревари за репрезентацијата на Уругвај, а последниот меч го имаше против Гана на Светското првенство во Катар.
Суарез е најдобар стрелец во историјата на Уругвај со 68 голови, на второто место е Единсон Кавани со 58 гола.
Уругвај по четири кола е на второто место во јужноамериканските квалификации со седум бода, пет помалку од водечката Аргентина.