Top Sport

Елмас: Una notte magica

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го освои својот прв трофеј во италијанскиот фудбал. Играчот од редот за врска синоќа во Рим со соиграчите го крена пехарот наменет за победникот во Купот на Италија.

Наполи на „Олимпико го победи Јувентус по изведувањето на пенали со 4:2. Натпреварот во регуларниот тек заврши без голови.

Елмас во финалето влезе во игра во 86 минута, а непосредно пред судијата да означи крај на натпреварот имаше голема шанса, меѓутоа легендарниот 42 годишен голман на Јувентус, Џиџи Буфон, на неверојатен начин го одбрани неговиот удар.

„Прв трофеј во кариерата што го освоив со овој специјален тим. Ова беше магична ноќ, се надевам дека ова е првиот трофеј од долгата серија. Напред Наполи“, напиша Елмас на својот профил на „Инстаграм“.

Елиф Елмас е вториот Македонец со трофеј во Купот на Италија, неговиот соиграч од репрезентацијата Горан Пандев во кариерата освоил пет пехари во Копа Италија.

Scroll to Top