Поранешниот тренер на Арсенал, Унаи Емери вели дека треба реално да се оценува неговиот скор како прв човек на „топчиите“, тврдејќи дека дел од фудбалерите се однесувале непрофесионално додека тој бил на клупата.
Шпанецот беше отпуштен во ноември, само 19 месеци откако пристигна од Пари Сен-Жермен како замена за „вечниот“ Арсен Венгер. Во неговата прва сезона, клубот не успеа да влезе во Лигата на шампионите, иако го подобрија скорот од претходната сезона со петто место и се пласира во финалето на Лига Европ, каде што загубија со 4:1 од Челси.
Емери смета дека неговата работа мора да биде оценета како успешна.
„Арсенал беа клуб кој се движеше во надолна линија две сезони пред јас да пристигнам. Ја спречив таа пропаст и почнав да го средувам клубот со финале од Лига Европа и петто место, само едно зад Тотенхем. Но, сезоната беше добра и целта беше да се подобри тој раст“, вели Емери во интервју за „Франс фудбал“.
Тој во текот на минатото лето доби пари за трансфери на Никола Пепе, Давид Луиз и Киеран Тирни, но по низа од седум меча без победа и најлош скор од 1992, Емери беше отпуштен додека Арсенал беше седми во Премиер лигата. Емери за слабите резултати ги обвини фудбалерите кои не сакале да биле лидери по заминувањето на Лорен Косиелни, Петр Чех, Арон Ремзи и Начо Монреал.
„Загубивме четири капитени: Косиелни, Чех, Ремзи и Монреал. Дел од ѕвездите немаа вистински однос и бараа повеќе од тоа што го пружаа на теренот. Затоа ќе беше потребно подолго време за обнова на клубот“, додава Емери.