Top Sport

Емери ја обвинувал поранешната девојка за отказот од Арсенал

Саша Рајт, поранешната девојка на Унаи Емери вели дека шпанскиот тренер ја нарекувал „бела вештерка“ и дека ја обвинувал за отказот што го добил од Арсенал. Емери тврдел дека турбулентната врска со Рајт и честите расправии биле одговорни за лошата резултатска низа која минатиот ноември му донесе отказ.

Рајт во интервју за таблоидот „Сан“ првпат зборуваше за двегодишната врска со 48-годишниот Шпанец, која конечно завршила минатиот месец, објаснувајќи дека тој користел „Гугл транслејт“ на нивните состаноци и дека додека биле во кревет сакал цела вечер да гледа натпревари.

„Му верував на Унаи и навистина верував дека е можно врската да заврши со брак и деца. Мислев дека е џентлмен и вистински семеен човек, но на крајот сфатив дека не е подготвен за сериозна врска. Тој ме обвинуваше дека јас сум виновна за отказот и дека сум ’бела вештерка’ и му носам многу несреќа“, вели 35-годишната Рајт за „Сан“.

Емери требаше да биде „спасител“ за Арсенал откако дојде од Пари Сен-Жермен како замена за Арсен Венгер во 2018 година, и во првата сезона имаше низа од 11 победи едноподруго и стигна до финалето во Лига Европа. Емери има еден син, 15-годишниот голман на Валенсија, Ландер Емери од претходниот брак.

„Се сретнавме летото 2018, но бидејќи не следам фудбал не знаев кој е. Ми кажа дека работи во спортската индустрија и дека има проблеми со англискиот јазик бидејќи само што пристигнал во Лондон. Имаше силен акцент, а честопати го прекинуваше разговорот за на ’Гугл транслејт’ да провери некој збор. Но, се облекуваше добро и изгледаше како добар човек. На почетокот беше многу внимателен, но потоа само гледаше фудбал и ги проверуваше резултатите. И во кревет беше со компјутерот и таблетот и на двете имаше натпревари“, открива Рајт.

Scroll to Top