Иако веќе неколку месеци не е менаџер на Арсенал, Унаи Емери продолжува со критиките кон Месут Озил, посочувајќи дека Германецот едноставно не се посветувал доволно на својата работа, велејќи дека никој во тимот не сакал тој да биде поставен за капитен.
Озил го загуби стартното место под Емери на „Емирати“, пред под новиот тренер Микел Артета да ја врати довербата и да биде повторно во стартните 11. Емери смета дека за ситуацијата е виновен самиот фудбалер.
„На крајот, тој треба да се погледне себеси во огледало. Својата посветеност и однос кон фудбалот. Јас направив многу да му помогнам. Во мојата кариера талентираните фудбалери секогаш ми биле омилени и секогаш играле најдобро под мене. Секогаш бев позитивен кон него, но односот кој тој го имаше не беше доволен. Затоа никој во соблекувалната не сакаше тој да стане капитен на Арсенал. Со таков однос не можеш да бидеш капитен“, вели Емери во интервју за „Дејли мејл“.