Top Sport

Емери: Не знам дали Џака повторно ќе заигра за нас

Менаџерот на Арсенал Унаи Емери признал дека не знае дали во иднина ќе може да смета на поранешниот капитен Гранит Џака. Швајцарецот има договор со клубот до 2023 година, но по сите случувања се чини дека двете страни бараат начин да ја раскинат соработката.

Откако на натпреварот со Кристал Палас влезе во конфликт со навивачите, а потоа и го соблече дресот, Емери му ја одзеде капитенската лента на Џака. Од тој натпревар Џака се нема појавено во тимот на Арсенал, а нема да биде во комбинација ниту за натпреварот со Лестер.

„Ми кажа дека не се чувствува добро за да може да игра. Разговарав со него, го прашав какви му се плановите. Засега тренира добро, напорно работи. Ќе разговараме повторно по репрезентативната пауза“, рекол Емери и дополнил.

„Како тренер јас сум одговорен за овој тим. Играч како Џака ни е потребен. Но, искрено не знам дали повторно ќе заигра за нас. Не сум сигурен дека ментално ќе биде подготвен. Во овој момент не размислувам дека тој ќе замине, многу работи можат да се случат во наредните два месеци“.

Арсенал денес од 18.30 во дербито ќе играт против Лестер.

Scroll to Top