Поранешниот менаџер на Арсенал, Унаи Емери тврди дека се обидел да му помогне на Месут Озил додека бил на „Емирати“ и да спречи да дојде до ситуацијата од оваа сезона, во која поранешниот германски репрезентативец е „исклучен“ од тимот пред крајот на неговиот договор во текот на летото.
32-годишниот Озил подолго време е предмет на поделба меѓу навивачите на Арсенал, од кои дел сметаат дека тој не ја добива потребната шанса да го покаже несомнениот талент, но и дел кои сметаат дека тој никогаш не се посветил целосно на клубот.
Емери, кој беше заменет од Микел Артета на клупата на Арсенал во ноември 2019, и сега работи во Вилјареал, вели дека имал необично искуство со Озил.
„Работев година и пол со Месут и се обидов да му помогнам, да го поддржам и да ги оствариме потребните перформанси. Не знам кои се проблемите сега бидејќи сум фокусиран на работата со Вилјареал, но ги следам мечевите на Арсенал. Можам да зборувам за Месут кој го знам кога бев таму и знам дека направив многу да го извлечам најдоброто од него“, објаснува Емери.