Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Сересо, е убеден дека Антоан Гризман долго време ќе игра во дресот на „јорганџиите“.
Гризман изминатата недела е „жешка“ тема во спортските медиуми, најчесто во оние од Франција и Каталонија. Напаѓачот се поврзува со трансфер во ПСЖ, а вчера „Мундо депортиво“, весник кој е близок до Барселона, објави дека од наредното лето Гризман ќе игра во Барса за годишна плата од 20 милиони евра.
Првиот човек на Атлетико вторпат во изминативе три недели тврди дека малку е веројатно дека она што го пишуваат медиумите ќе биде реализирано.
„Гризман е играч на Атлетико и мислам дека ќе остане тука. За сè има објаснување. Бев тука и во ерата на Фернандо Торес и неговото размислување дали ќе си оди или не. На крајот играчите се тие кои одлучуваат. Знаете дека не лажам. Играчите имаат подеми и падови, а Гризман во моментов е добар“, рекол Сересо.
На констатацијата дека Гризман неодамна во интервју за француската телевизија рекол дека би сакал да игра со Нејмар и Мбапе, Сересо со насмевка рекол.
„Тоа го изјавил? Тогаш ќе направиме сè за да ги донесеме“.
Првиот човек на Атлетико не ја исклучил можноста во тимот да пристигнат нови играчи во јануарскиот преоден рок.
„Покрај Диего Коста и Витоло, доколку можеме ќе донесеме уште некого. Симеоне е недопирлив. Тој работи колку што може“, рекол Сересо.
Атлетико в сабота ќе го одигра градското дерби со Реал во рамките на 12. коло во Ла Лига. Двата тима во пресрет на дербито имаат по 23 бода.