Top Sport

Ерера: Фановите го задржуваат Де Хеа на „Олд Трафорд“

Андер Ерера вели дека неговиот шпански сонародник Давид де Хеа останува во Манчестер јунајтед само поради љубовта која ја добива од навивачите на клубот.

Голманот на шпанската репрезентација постојано е поврзуван со трансфер во Реал Мадрид, откако предвидениот трансфер пропадна во последен момент во 2015 година. Реал повторно бара голман и се верува дека Белгиецот Тибо Куртоа од Челси е главниот кандидат и Ерера смета дека Де Хеа ќе остане во Јунајтед.

„Се сеќавам на тоа тешко лето кога сите зборуваа за Реал Мадрид, но кога тој го одигра првиот натпревар на ’Олд Трафорд’ сите го пееја неговото име. Тогаш ми кажа: ’Тие се неверојатни и најдобри на светот’. Давид е најдобриот голман кого сум видел и сигурен сум дека ќе остане и ќе освојуваме титули заедно“, вели Ерера.

27-годишниот Де Хеа беше критикуван за слабиот настап за Шпанија на СП во Русија, каде што имаше само една одбрана во четири меча, но Ерера вели дека тоа ќе биде само мотив повеќе во Премиер лигата.

„Тој е силен и цврст човек. Кога си најдобар и немаш најдобар натпревар сите ќе зборуваат за тебе. Но, сигурен сум дека ќе се справи добро со тоа“, додава Ерера.

Scroll to Top