Top Sport

Ерик Тен Хаг утре ќе потпише договор со Баер

Холандскиот тренер Ерик тен Хаг утре ќе потпише договор со Баер Леверкузен, објави фудбалскиот инсајдер Фабрицио Романо.

Тен Хаг е невработен откако беше отпуштен од Манчестер јунајтед во октомври.

Тој имаше бројни понуди за работа, но реши да направи пауза до крајот на сезоната. Тој чекаше вистинска можност и ќе ја добие во тим чиј тренер Чаби Алонсо заминува во Реал Мадрид.

Алонсо направи одлични работи во Леверкузен, минатата сезона ја прекина доминацијата на Баерн и ја освои титулата во Бундеслигата и Купот на Германија, а го предводеше Баер до финалето на Лигата на Европа, во кое германскиот клуб беше поразен од Аталанта.

Оваа сезона Баер остана на врвот на германскиот фудбал, ја освои втората позиција и играше во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Тен Хаг има искуство во германскиот фудбал, пред 12 години работеше во вториот тим на Баерн Минхен.

Тој го водеше Манчестер јунајтед две полни сезони и ги освои ФА Купот и Лига Купот, а во сезоната 2022/2023 го освоија третото место во Премиер лигата. Пред тоа, тој освојуваше трофеи со Ајакс.

Тешка задача го чека во Баер, бидејќи ќе мора да изгради тим без најмалку три многу важни играчи. Имено,Флоријан Вирц и Џереми Фримпонг се на прагот да се преселат во Ливерпул, додека Џонатан Та најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Баерн Минхен.

Тен Хаг ќе потпише договор со Баер до летото 2027 година.

Scroll to Top