Агентот на Кристијан Ериксен вели дека данскиот репрезентативец наскоро ќе објави каде ќе ја продолжи кариерата по раскинот на договорот со Интер по страшните моменти на ЕУРО 2020 ова лето.
Ериксен доби срцев напад на првиот меч на Данска на првенството во јуни 2021 година, по што беше оживеан на теренот, и подоцна му беше вграден минијатурен дефибрилатор, со кој не може да ја продолжи кариерата во италијанската Серија А.
29-годишниот Ериксен го раскина договорот со Интер во декември и неговиот агент вели дека одлуката нема „никаква врска“ со желбата на Интер да го заддржат. Оттогаш тој беше поврзуван со неговиот поранешен клуб Ајакс, а продолжи да тренира со својот прв клуб, данскиот Оденсе.
„Сите мораат да ги следат правилата кои се на сила повеќе години. По тоа што се случи, знаевме дека нема шанси во Италија и веднаш почнавме да разговараме со адвокатите. Кристијан останува амбициозен и мислам дека е во одлична физичка форма. Тој наскоро ќе каже каков е планот“, вели неговиот агент, Мартин Шотс.