Top Sport

Ериксен: Се чувствувам неверојатно, после сѐ ќе играм на Светско првенство

Кристијан Ериксен се подготвува да игра за фудбалската репрезентација на Данска на Светското првенство во Катар. Покрај се што доживеа, тоа му делува навистина неверојатно. Своите импресии ги сподели во јавноста.

„Првата работа што ја кажав јавно беше дека сакам да се вратам и да имам шанса да бидам на Светското првенство и тоа сега е навистина неверојатно, но еве ќе се случи“, изјави Ериксен за „Скај Спортс“.

Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед доживеа срцев удар во јуни 2021 година за време на натпреварот на Данска против Финска на ЕП 2020, а помалку од 18 месеци подоцна ќе патува во Катар на Светското првенство.

Првично беше нејасно дали Ериксен ќе може да се врати во фудбалот, а тој беше ослободен од Интер бидејќи не можеше да игра во Италија поради правилата на лигата да не настапуваат фудбалери со срцеви аномалии.

Брентфорд му даде шанса на Ериксен, а шест месеци подоцна се пресели во Манчестер Јунајтед.

Данска првиот натпревар на Светското првенство ќе го одигра против Тунис на 22 ноември, а потоа ќе се сретне и со Франција и со Австралија, како дел од групата Д.

Scroll to Top