Пари Сен-Жермен се откажале од можноста да го убедат Килијан Мбапе да потпише нов договор и многу бргу тој ќе открие дека се сели во Реал Мадрид, тврди „ЕСПН“.
Според нивните извори, постојат само мали детали кои треба да се договорат помеѓу адвокатот на Мбапе и шпанските шампиони, Реал Мадрид, но нема никаква пречка во реализирањето на договорот. ПСЖ биле сигурни дека Мбапе ќе остане уште минатата недела, но по сите обиди да го убедат 23-годишниот Французин по пет години на „Паркот на принцовите“ не успеале.
Тие му понудиле огромен договор, му ветиле посилен тим за следната сезона, а дури му ја понудиле и капитенската лента и 100 отсто од комерцијалните права на неговиот лик. За Мбапе, кој ја имаше најдобрата сезона во кариерата со 25 гола и 17 асистенции во 34 меча во Лига 1 и по третпат беше избран за најдобар играч во Франција, парите не биле одлучувачки, туку неговата амбиција да игра за „кралскиот “клуб.
Мбапе во понеделникот изјави дека е „речиси“ одлучен за својата иднина, а шпекулациите во шпанските медиуми тврдеа дека Реал ќе го презентира по финалето во Лигата на шампионите против Ливерпул на 28 мај.