Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Камерун, Самуел Ето, вели дека не гледа причина зошто неговата репрезентација не може да се искачи на фудбалскиот трон, односно да ја освои титулата светски првак на Мундијалот во Катар. Оптимизмот го базира на титулата во ЛШ што ја освои со Интер во 2010 година.
„Не гледам зошто не можеме да триумфираме. Верувам дека не ви требаат чудовишта или вонземјани за да го освоите Светското првенство, туку добра подготовка, силен менталитет и малку лудило. Освоив многу во кариерата , за да остварам тоа давав се од себе. Секогаш го земам Интер за пример, никој на почетокот на сезоната 2009/10 не веруваше дека Интер може да го освои трофејот во Лигата на шампионите, туку Жозе Мурињо и група мажи и воини успеа да го направи токму тоа. Би сакал нешто такво да видам и од камерунската репрезентација“, им изјавил 41-годишниот Ето на новинарите во Милано, каде што се наоѓа по повод хуманитарниот натпревар на светските ѕвезди што ќе се одигра на 23.мај на „Сан Сиро“.
Ќе видиме како Камерунците ќе се подготвуваат за претстојниот Мундијал. Светското првенство ќе го отвораат на 24.ноември против Швајцарија, а четири дена подоцна ќе играат против Србија, а потоа и со Бразил на 2 декември.