Top Sport

Евертон го избраа Марко Силва за нов менаџер

Евертон потврдија дека 40-годишниот Португалец Марко Силва е нивниот нов менаџер со посветност на „атрактивен и напаѓачки фудбал“. Тој го заменува Сем Алардајс на клупата на „карамелите“, кој не издржа цела сезона.

Силва има тригодишен договор со клубот од „Гудисон парк“ и беше прв избор на главниот акционер во клубот од Ливерпул, Фархад Мошири, кој уште во октомври се обиде да го добие Силва, но тој реши да остане во тимот на Ватфорд. Во јануари, Ватфорд го отпуштија Марко Силва поради „загубен фокус и контакти со други клубови“.

Марко Силва досега бил тренер на Есторил, Спортинг Лисабон, Олимпијакос, Хал сити и Ватфорд. Тој е третиот менаџер во две години под водство на Мошири.

„Евертон е амбициозен клуб и тоа ми се допаѓа. Сега гледаме добри промени на пристапот на клубот, но никогаш не треба да ја смениме историјата и амбицијата на клубот. Сите знаат за Евертон и затоа мораме постојано да бркаме победи“, вели Силва.

Покрај Силва на „Гудисон парк“ има и нов директор на фудбал, Марсел Брандс. Евертон последните години трошат огромни пари, но имаа катастрофален поврат на инвестициите – Роналд Куман, Дејвид Ансворт и Сем Алардајс не успеаја да направат некои позначителни резултати.

Scroll to Top