Top Sport

Евертон му дадоа доверба на Сем Алардајс

Сем Алардајс се согласи да биде менаџер на Евертон, шест месеци откако си замина од позицијата во Кристал Палас, велејќи дека „нема амбиција да преземе друг клуб“, јавуваат повеќе британски медиуми.

Поранешниот англиски селектор треба да биде постојана замена за Роналд Куман по неуспешниот период на Дејвид Ансворт како „преоден“ тренер. Негов прв меч ќе биде во сабота против Хадерсфилд таун, а за работата ќе добие 9 милиони фунти. На официјална промоција ќе се почека до четврток или петок.

„Сакаме да му дадеме поддршка. Тој може да оди до каде сака. Потребен ни е силен лидер, и тој ни дава таква шанса“, изјави главниот акционер на Евертон, Фарад Мошири.

Алардајс, поранешен менаџер на Болтон, Њукасл, Блекбурн и Вест Хем, никогаш не испаднал со клуб од Премиер лигата и лани ги „спаси“ Кристал Палас, а пред две сезони Сандерленд од испаѓање.

Тој имаше неславна кратка епизода како селектор на англиската репрезентација, откако седна на столчето на 22 јули и одигра само еден натпревар, на 4 септември против Словачка во првото коло од квалификациите за СП 2018.

По само 67 дена тој си поднесе оставка, откако весникот „Дејли телеграф“ објави снимки на кои нивниот новинар, маскиран како бизнисмен, добива совети од „Биг Сем“ како да ги избегне правилата на ФА.

Scroll to Top