Иднината на Арсен Венгер можеби уште е во Премиер лигата, откако Евертон размислува да ги сруши сите рекорди и да го задржи францускиот стручњак во Англија.
На крајот на сезоната, Французинот го завршува 22-годишното водење на Арсенал, и британскиот весник „Дејли стар“ најавува дека шокантниот трансфер на Венгер ќе се случи на север, поточно на „Гудисон парк“.
„Карамелите“ како медијатор во преговорите со Венгер го ангажираа поранешниот потпретседател на Арсенал, Дејвид Деин, кој е личен пријател на Венгер и човекот кој го донесе во Англија од јапонскиот клуб Нагоја.
„Би сакал една од моите последни прес-конференции да ја завршам со благодарност до Дејвид Деин, кој ме донесе тука. Тој имаше посебна визија за Арсенал и за Премиер лигата и ми даде шанса кога не бев познат“, изјави неодамна Венгер.
Деин, покрај пријателството со Венгер, е близок и до претседателот на Еверотн, Бил Кенрајт, како и со Фархад Мошири, главниот сопственик на клубот. На ова се надоврзува и „Сан“ кој тврди дека Евертон се подготвени да му платат еднаква плата како што земаше досега – 9.1 милиони евра по сезона.
Околу иднината на Евертон има многу шпекулации, откако Сем Алардајс не успеа да ги исполни големите очекувања на клубот, а покрај тоа влезе во конфликт и со Вејн Руни, кој се врати на „Гудисон“ со големи очекувања. Руни, според „Вашингтон пост“ веќе преговара за трансфер во американската МЛС лига (во клубот на Ди Си јунајтед), меѓутоа ова ќе зависи од тоа дали Алардајс ќе остане на чело на клубот.
Венгер по објавата веќе беше поврзуван со позиција како спортски директор на Пари Сен-Жермен, како тренер на Монако или како советник на Акито Ничино, јапонскиот селектор за Светското првенство во Русија.
Фото: ЕПА