Top Sport

Евертон со амбициозен план: Титула од Премиер лигата во следните десет години!

Новиот генерален директор на Евертон, Денис Барет-Баксендејл тврди дека клубот од Ливерпул треба да биде шампион во Премиер лигата за максимум 10 години, ако го исполнат амбициозниот план за „карамелите“.

Евертон досега девет пати бил шампион во Англија, но последен пат тоа се случи во сезоната 1986/87, а последниот трофеј им е петтиот ФА куп во 1994/95. Но, според Барет-Баксендејл, Евертон мора да биде во постојана позиција да игра во Лигата на шампионите и да се бори за трофеи.

„Визијата е да се биде предизвикувач за титулата од Премиер лигата и да се настапува во најсилното европско натпреварување. Целта не е да се освојува по некој ФА куп, туку и трофејот од Премиер лигата. Првокласен фудбал на првокласен стадион“, вели Барет-Баксендејл.

Евертон планираат новиот стадион „Бремли-Мур Док стадион“ со 52 илјади седишта да биде отворен во следните три години. За да се подобри тимот, ангажиран е нов директор на фудбал, 56-годишниот Холанѓанец Марсел Брандс.

„Предизвикот е голем, но имаме долгорочна визија за нашиот клуб. Ние сме Евертон и мораме да ги остваруваме целите“, додава директорката.

Scroll to Top