Top Sport

Еволуцијата на официјалните мундијалски топки (галерија+видео)

Еден од најважните детали на секое Светско првенство несомнено е топката со која се игра.

Првите топки на Мундијалите биле едноставни кожени топки, доставувани од различни, обично локални доставувачи, пред во 1970 година, ФИФА официјално да „санкционира“ топка.

На првиот Мундијал во Уругвај во 1930 година, постојат информации само за двете топки кои се користеле во финалето. Аргентинците ја обезбедија топката за првото полувреме (Тиенто) и водеа со 2:1, пред домаќините Уругвај да донесат своја топка (Т-Модел), која беше потешка и поголема. На крајот Уругвај победи со 4:2.

Во 1950 година, се користеше првата топка без врвки на неа, откако Бразилците ја произведоа Супербол Дупло Т.  Во 1962 година на Светското првенство во Чиле се појавија првите контроверзи околу изборот на топка. Иако официјално организаторите решија да се користи топката со име „Крек“, на различни мечеви се користеа различни топки, бидејќи европските тимови не беа задоволни од чилеанските топки.

Првиот голем скок беше направен во 1970 година, кога ФИФА во соработка со „Адидас“ го изработија моделот „Телстар“, во црно-бел дизајн за да може чисто да се гледа на ТВ-преносите во црно бело.

Интересен податок за оваа топка е „штедливоста“ на германскиот производител „Адидас“, кој достави само 20 топки за шампионатот.

Веќе следниот мундијал во 1976 година беше воведена топката „Телстар Дурласт“, прва водоотпорна топка.  Во 1986 година првпат топката не беше од кожа туку од синтетички материјали, додека во 1994 година за Мундијалот во САД беше промовирана „Квестра“, топка која наводно ја зголеми контролата на фудбалерите.

Во 2002 година се направи прва промена на дизајнот, со „триаголни“ делови на „Февернова“, додека во Германија во 2006 организаторите се фалеа дека топката има „најсовршено топчеста“ форма.

„Јабулани“, топката која се користеше на Мундијалот во 2010 година беше на удар на критичарите поради непредвидливата траекторија при удари, додека „Бразука“  на минатиот шампионат доби пофалби дека е „најдобрата досега“ од Зинедин Зидан и Лионел Меси.

Во Русија ќе се користи „Адидас Телстра 18“, со ретро-дизајн кој наликува на топките кои се користеа во 1970-тите и 1980-тите.

Scroll to Top