Фудбалската асоцијација (ФА), организаторот на ФА купот, најстарото фудбалско натпреварување на светот, реагираше со зачуденост на заканите на Ливерпул да „играат со деца“ во вториот меч со Шрузбери во четвртото коло на натпреварувањето.
Клоп по изненадувачкото 2:2 реми на гости кај Шрузбери изјави дека планира да ја „почитува“ паузата во Премиер лигата, дозволувајќи неговиот прв тим да го пропушти вториот меч со третолигашот следната недела.
Клоп изјави дека и тој самиот нема да присуствува на мечот на 4 или 5 февруари на „Енфилд“ посочувајќи дека менаџерот на У-23 тимот, Нил Кричли ќе го води тимот. Со критиките за пренатрупаниот календар во Англија се согласуваат и Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо, кои побараа откажување на повторените натпревари во ФА купот.
Ова наиде на голем број на критики кај помалите клубови, за кои ФА купот е „драгоцен“. Енди Холт, сопственикот на третолигашот Акрингтон Стенли го нарече Клоп „срамота“ за фудбалот, додека други побараа „црвените“ да бидат казнети ако навистина истрчаат со У-23 тимот.
Од ФА пак, според порталот „Гол“ се изненадени од коментарите на Клоп, бидејќи распоредот на ФА купот бил јавно достапен пред стартот на сезоната. Тие сметаат дека токму 2:2 ремито со Шрузбери дава аргументи за повторените натпревари, посебно бидејќи малиот клуб ќе добие одлична сума пари за ТВ-правата и билетите од мечот на „Енфилд“. Менаџерот на Шрузбери, Сем Рикетс потврди дека парите кои ќе бидат заработени ќе бидат доволни да се купи нова опрема за видео-анализа во клубот и ќе се помогне во системот за подобрување на теренот на нивните тренинг-терени.
Линколн, кои стигнаа до четврт-финалето во 2017 како клуб надвор од четирите англиски лиги, заработија околу 1.3 милиони фунти од тој пласман, користејќи ги да изградат врвен тренинг-центар и да влезат во третата лига. Шрузбери добиле 225.000 фунти за успехот досега, без парите за ТВ-правата.