Цеск Фабрегас вели дека има уште многу да понуди на Челси откако тоа му докажал на менаџерот Антонио Конте и се надева дека сонот за трофеј од Лигата на шампионите ќе го оствари со „Сините“.
Фабрегас ги има освоено речиси сите трофеи во својата богата кариера со Арсенал, Барселона, Челси и шпанската репрезентација (вклучувајќи го и Светското првенство), но трофејот од ЛШ уште го нема во колекцијата.
Плејмејкерот има договор до јуни 2019 година и веќе 30 години, а политиката на Челси е играчите кои имаат над 30 години да добиваат само едногодишно продолжување на договорот.
„Имам само 30. Што е 30? Ништо! Млад сум и навистина го мислам тоа. Посебно за позицијата на која играм. Имам уште многу години и можам да ви дадам многу примери. Во моментов сум каде што посакувам и уживам во фудбалот. Сакам да освојувам трофеи со Челси и да стигнам до трофејот од Лигата на шампиони“, вели Фабрегас пред денешниот дуел со Атлетико Мадрид.
Фабрегас не беше на милост на Конте во првата сезона на Италијанецот на „Стемфорд Бриџ“, но оваа сезона е цврсто во првиот состав – лани до овој период од годината имаше 4 настапи, оваа година има 18.
„Би лажел да кажам дека не бев загрижен. Не играв и не бев од планот на шефот и во тој момент имав две опции – да се откажам или да работам напорно. Му покажав дека згреши, дека може да ми верува и сега ја добивам шансата. Моите односи со менаџерот се фантастични и тој навистина знае што можам да понудам“, додава Фабрегас.