Цеск Фабрегас вели дека му е тешко да поверува дека „скромното момче“ Лионел Меси ќе ја напушти Барселона, но додава дека Кристијано Роналдо е вистинска инспирација за сите фудбалери над 30 години.
Фабрегас, како и повеќето фудбалски фанови, во вторник ќе гледаат нова епизода од ривалството Меси-Роналдо, кога Барса ќе го пречека Јувентус во последното коло по групи во Лигата на шампионите. Шпанецот, кој моментално игра во Монако, беше колега со Меси во младинската академија Ла Масија, а беше дел и од првиот тим на Каталонците од 2011 до 2014 година.
„Барселона е неговиот дом. Тие се домот од неговата младост, но сега се работи за многу личен избор и не сакам да се мешам. Честопати му велам дека не сфаќа колку е голем. Тој не мисли за себе дека е ‘Бог на фудбалот’, туку е многу скромно момче. Сака да е нормален човек и да се движи без обезбедување. Исто така има големо срце и подготвен е да помогне на децата и на најсиромашните“, вели Фабрегас за „Тутоспорт“.
33-годишниот Шпанец потврдува дека напаѓачот на Јуве, 35-годишниот Роналдо му е инспирација.
„Не го познавам Кристијано лично, но сите ми велат дека е супер-професионалец со неверојатен менталитет. Се надевам дека и јас ќе стигнам до 36-тата година за да имам 20-годишна кариера како него“, објаснува Фабрегас.