Хрватскиот весник „Вечерњи лист“ вели дека еден од највлијателните фудбалски менаџери на светот, Абдилгафар „Фаљи“ Рамадани има нов клиент во младиот хрватски фудбалер, Јосип Брекало од Волфсбург, уште еден доказ дека Рамадани е највлијателниот спортски агент на Балканот.
Рамадани, кој е роден во Тетово и е со албанско потекло, живее на Мајорка и во Лондон, и ја предводи агенцијата „ЛИАН спортс“ во која има огромен број на српски, а сега и хрватски фудбалери.
Покрај старите клиенти од Србија (Настасиќ, Љаиќ, Миливоевиќ, Јовиќ, Костиќ), Рамадани сега е агент и на Хрватите, Иван Перишиќ, Марко Рог, Анто Ребиќ, Никола Калиниќ и Доминик Ливаковиќ. Се проценува дека играчите под негово водство вредат над 200 милиони евра.
Рамадани е познат по тоа што не сака преголема медиумска експонираност, за разлика од менаџерите како Мино Рајола, но и неговите српски и хрватски контакти исто така избегнуваат да се експонираат и си ја работат работата.
Покрај српско-хрватските играчи, Рамадани има и доста други познати фудбалери како Алонсо (Челси), тренерот на Наполи, Маурицио Сари, Калиду Кулибали (Наполи), Хандановиќ (Интер), Јоветиќ…