Top Sport

Зидан: Мојата иднина не зависи од Лигата на шампионите

Зинедин Зидан е сигурен дека неговата иднина во тимот на Реал Мадрид не зависи од тоа дали Реал повторно ќе ја освои титулата од Лигата на шампионите.

Французинот донесе две титули во Европа едноподруго, правејќи го Реал Мадрид единствениот клуб кој го одбранил трофејот од ЛШ, меѓутоа слабите резултати во домашното првенство го поставија под притисок, откако Барселона „избега“ со титулата.

„Лос бланкос“ се на еден меч од ново финале откако имаат 2:1 предност пред домашната пресметка со Баерн Минхен во полуфиналето.

„Мојата иднина не зависи од тоа што ќе се случи во Лигата на шампионите. Сите знаете дека јас сум тренер сега и сакам да продолжам, но тоа не е најважното нешто во моментов“, вели Зидан пред мечот со Баварците.

Зидан им честиташе на Барселона за освоената титула пред „Ел класико“ во недела, но вели дека поважен е првиот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ против Баерн.

„Ќе се обидеме да победиме против Баерн и тоа останува главната цел. Нема да шпекулираме, да се браниме или да правиме чудни работи. Мораме да дадеме брз гол. Во Ла лига, Барселона доминираа оваа сезона и ја заслужија титулата и мораме да им честитаме. Имаат два трофеи во добра сезона за нив, но сега мислиме само на финалето“, додава Зидан.

Фото: ЕПА

Scroll to Top