Top Sport

Федерер со прекрасна посвета за Лео Меси: Твојот фудбал е уметност

Тениската легенда Роџер Федерер му оддаде фантастична почест на Лионел Меси, откако аргентинскиот фудбалер влезе меѓу топ 100 највлијателните луѓе на светот во избор на магазинот „Тајм“.

По освојувањето на Светското првенство во Аргентина, кариерата на неверојатниот Меси е речиси комплетна, и Федерер, кој го препороди тенискиот свет и освои се што можеше да освои, во магазинот имаше одлична посвета, споредувајќи го фудбалот на Меси со уметност.

„Рекордите по бројот на головите и освоените титули на Лионел Меси нема потреба да ги пребројуваме. Тоа што го издвојува 35-годишниот Меси од другите е неговата постојана величина во толку долг период на години. Тоа не само што е тешко да се оствари, туку е и тешко да се одржи. Тој дрибла како магионичар, а неговите додавања се вистинска уметност. Неговата свесност на теренот и познавањето на играта е нешто што не може да се разбере. Мојата кариера неодамна заврши и знам колку товар како спортист носиш со себе. Во секојдневниот живот не го сфаќате тоа. За фудбалер како Меси, таа тежина е уште поголема, било да претставува славен фудбалски клуб или многу страствена земја. Аргентинската победа на Светското првенство беше прекрасна. Со милиони навивачи на улиците на Буенос Аирес, тоа беше посебен момент во спортот. Дури и тие кои не следат фудбал, мораат да го сфатат влијанието на најпопуларниот спорт“, пишува Федерер.

Тој исто така ја покажува својата врска со фудбалот.

„Кога растев, Диего Марадона и Габриел Батистута беа моите омилени аргентински фудбалери. Имав среќа да се сретнам со двајцата. Тие ми беа инспирација. Сега, Меси ги инспирира новите генерации. Само се надевам дека таа уникатна креативност и уметност на фудбалот ќе ја гледаме барем уште малку подолго. Не трепкајте кога Меси е на теренот, може да пропуштите нешто неверојатно“, додава Федерер.

Scroll to Top