Top Sport

Фелаини: Јунајтед грешат со мојот договор

Маруан Фелаини најави дека Манчестер јунајтед на крајот ќе ја платат цената за тоа што лани не му го продолжија договорот, посочувајќи дека има опции да замине.

Договорот на Белгиецот завршува на крајот на сезоната, и нема прогрес во преговорите со клубот, а Фелаини, кој оваа сезона се мачи со повреда на коленото, покажа колку значи во тимот на Жозе Мурињо, откако влезе од клупата и го постигна победничкиот гол за 2:1 победата над Арсенал во неделата.

Иако Мурињо изјави дека се „блиску“ до договорот, 30-годишниот Фелаини вели дека не направил одлука и ги обвини Јунајтед дека чекале предолго.

„Целиот тим прави сè јас да останам, но клубот не ми го продолжи договорот лани. Сега сум во посилна позиција, посебно бидејќи Мурињо изјави дека сака да ме задржи. Лани двапати им кажав дека сакам нов договор, но нема да прашувам 10 пати. Добар играч чини 50 милиони евра, и клубот знае дека згреши. Не сум повреден, ќе одам на Мундијалот, а потоа ќе видиме“, вели Фелаини во интервју за белгискиот „Футбалмагазин“.

Тој беше поврзуван со трансфер во Бешикташ, но заинтересирани се и Јувентус, како и голем број на кинески тимови.

„Отворен сум за сите можности. Не би имал проблем да живеам во Кина, бидејќи сакам да запознавам нови места и нови култури. Таму ќе биде и моето семејство. Дали сакам нов предизвик? Да, но и не можеш да заборавиш дека си играл за еден од најголемите клубови на светот. Зошто би го менувал тоа?“, прашува Белгиецот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top